Успехот во спортот бара физичка подготовка и темелно познавање на дисциплината, но за постигнување на врвни резултати, од клучно значење е и грижата за менталното здравје. Тоа подразбира како спортистите се подготвуваат психички, како го одржуваат фокусот и мотивацијата, и како се справуваат со непријатните емоции кога спортуваат. Понекогаш, се соочуваат и со посериозни психолошки предизвици, како на пример, зголемена анксиозност пред натпревар, страв од неуспех, или разочарување на семејството и тренерот.
Од тие причини, психологијата денес заслужено игра сè поважна улога во спортот, а нејзин предмет на проучување се токму психичките процеси и појави кои се јавуваат кај спортистите и тимовите за време на тренинзите и натпреварите, но и по натпреварувањето. Психологијата на спортот, како посебна гранка на психологијата, ги проучува емоциите, мотивацијата, вниманието, когнитивните процеси и тимската динамика, со цел подобрување на индивидуалните перформанси, соработката во тимот и постигнувањето врвни спортски резултати, преку поддршка на спортистот да одржи оптимална ментална подготвеност, што паралелно ја развива и неговата лична спортска компетентност.
Неретко спортистите се соочуваат со психолошки потешкотии, на пример, може да доживеат симптоми на депресија кога ќе се повредат, или пак кога се повлекуваат од спортската кариера. Тие може да чувствуваат необјаснив страв дека повторно ќе се повредат, или тага дека губат дел од својот идентитет, а понекогаш може да се јави и чувство на изолираност. За разлика од тимските спортови, каде главните стресори произлегуваат од конкуренцијата, динамиката во тимот или проблеми со тренерот, кај индивидуалните дисциплини постои поголема самокритика и чувство на срам по неуспех, што неретко влијае на психичката благосостојба. Ова чувство на личен неуспех понекогаш може да доведе до промени во расположението и да се провлекува сè до следниот натпревар, што директно влијае на тренингот. Притисокот што го доживуваат спортистите во индивидуалните дисциплини се разликува од оној кај групните, така што кај екипните спортови одговорноста и стресот се распределуваат помеѓу сите членови на тимот бидејќи секој има своја улога, додека кај индивидуалните спортисти, целата одговорност ја носи еден човек.
Токму поради овој голем притисок и одговорност, улогата на психологот станува клучна за поддршка на менталното здравје на спортистот. Спортскиот психолог може да го поддржи менталното здравје на спортистите преку создавање на поддржувачка култура во тимот, каде нема да постои стигма да се разговара отворено за емоциите и стресот. Тој може да ги научи спортистите како да применуваат техники за справување со анксиозност, притисок и непријатни емоции, да ги советува како да ги задржат фокусот и мотивацијата. Спортскиот психолог ја истакнува важноста на менталното здравје за постигнување оптимални резултати. Покрај тоа, психологот може да организира и едукативни активности и работилници, да поттикне тимска кохезија преку заеднички активности, и да овозможи индивидуални консултации по потреба.
Правилната психолошка поддршка и развојот на когнитивната подготвеност не служат само за справување со тешкотиите, туку и за максимизирање на потенцијалот и долгорочната успешност на спортистот во неговата кариера.