Basketball for Good

Женева ми стана место каде што можам да го почувствувам сопствениот раст. Еве, веќе трета година по ред одам таму како младинска лидерка. Секоја моја посета ми носи нови познанства, искуства и можности за учење или нови вештини. Првата година акцентот беше ставен на едукацијата, додека втората и третата година само неколкумина од нас бевме таму за да помогнеме во организацијата на FIBA Open.

Моника Ѓорѓиевска Моника Ѓорѓиевска

А што е, всушност, FIBA Open?

FIBA Open е годишен 3х3 кошаркарски турнир кој се одржува во седиштето на ФИБА во Мис, Швајцарија. Со над 300 тимови и 4.000 посетители, настанот ги обединува луѓето од различни возрасти и со различни способности преку спортот.

Покрај младинските, семејните, корпоративните и инклузивните категории, турнирот е домаќин и на SB 3x3 Swiss Tour и Elite Women Tour. Настанот ја одбележува и годишнината на Куќата на кошарката, при што посетителите имаат можност да го посетат и Музејот на ФИБА.

Од 2024 година, FIBA Open има и хуманитарна цел – собраните средства се донираат за социјални проекти поддржани од Фондацијата ФИБА, промовирајќи ја идејата „Basketball for Good“ („Кошарка за добро“).

Идејата за нашиот проект се роди во текот на првата година кога бев во Женева, со поддршка на Фондацијата ФИБА и швајцарската невладина организација BloomUP, која ни помогна во осмислувањето и креирањето на проектите.

Кошарка за менталното здравје

По повод Светскиот ден на менталното здравје, кој се одбележува на 10 октомври, Фондацијата ФИБА спроведе две иницијативи во рамките на младинските Европски првенства во 2025 година, во Северна Македонија и Косово, предводени од Моника Ѓорѓиевска и Едита Медуњанин.

Во Скопје, 40 млади кошаркари учествуваа во активности на отворено, насочени кон подигнување на свеста за менталното здравје, емоционалната интелигенција и тимската работа. Во Пеќ, Косово, пак, преку проектот „Mind Over Match“, младите кошаркарки практикуваа јога и техники за свесност, со цел полесно справување со стресот и подобрување на целокупната благосостојба.

Двете иницијативи ја истакнуваат важноста на менталното здравје и улогата на кошарката во создавањето позитивни промени кај младите и пошироката заедница.

Оваа година, пак, по повод денот на менталното здравје, 10 октомври, Basketball for Good Фондацијата го стави во фокус вниманието на Омниверс, како организација и иницијатива која им помага на младите спортисти во Северна Македонија да ја развиваат својата ментална отпорност, како на теренот, така и надвор од него.

Преку работилници насочени кон потребите на спортистите, инспиративни разговори и моќни лични приказни споделени од кошаркари, капитени и судии, иницијативата создаде безбеден простор за отворено зборување за психолошките предизвици со кои се соочуваат спортистите.

Бидејќи спортскиот успех не зависи само од физичката подготвеност. Менталната благосостојба, самодовербата, закрепнувањето и поддршката имаат подеднакво важна улога во развојот и успехот на секој спортист.

Теодора Соколовска
Теодора Соколовска